Николиќ дури и сега, кога е пациент со коронавирус, ја покажува длабоката етичка смисла на тоа да се биде лекар и дека тоа е нешто што коронавирусот не може да го промени.
Да се види како поминува денот на некој што се бори со коронавирусот во Македонија, не е честа глетка. Но, има и бесценети исклучоци, како оној на лекарката од Куманово, Гордана Николиќ, која е една од ретките што ја информира јавноста речиси секој ден за тоа како тече лекувањето, како во нејзиниот случај симптомите се повлекуваат, па се појавуваат и се засилуваат, па потоа повторно се повлекуваат.
,,Болничкиот дневник” на лекарката потсетува на оние од светот каде многу пациенти од своите болнички соби известуваат за својот ден и за симптомите, за начинот на кој се лекуваат и за нивните чувства. Информацијата од прва рака, од оној што бил во првите борбени редови во војната со Ковид 19, за граѓаните е бесценета. Николиќ дури и сега, кога е пациент со коронавирус, ја покажува длабоката етичка смисла на тоа да се биде лекар и дека тоа е нешто што коронавирусот не може да го промени. Дури и кога коронавирусот и ја влошил здравствената состојба и морала да биде префрлена од домашниот карантин во Општата Болница во Куманово па на Инфективната клиника во Скопје, таа продолжува да се грижи за здравјето на граѓаните, на начин што ги информира за своите симптоми на дневна основа и постојано апелира да се почитуваат препораките.
,,Искрено, по добивање на позитивниот тест мислев дека е грешка, па не верував, па се исплашив дека ќе биде многу страшно. Имам нежен организам кој последниве години постојано го поткрепувам со суплементи и додатоци во исхраната. Но, целата љубов на универзумот од сите вас, дојде кај мене. И еве ме, со некои лесни симптоми сум уште. Денеска и до музика ми дојде да си пуштам. Текот на болеста, односно симптоматологијата ја пишував секој ден, повеќе поради вас, да не ми се плашите ако еден ден ако станете позитивини”, вели лекарката во нејзиното Фејсбук обраќање од 29 март, кога уште била дома.На 30 март, состојбата се менува.
,,Чекор напред, чекор назад симптомите. Е не можело за седум дена да бидеш како нов, треба време. Некаде по патот го загубив апетитот, кој го најде да ми го врати. Ајде некое смути ќе смутам, ќе ми треба уште сила”.
По ова следуваат низа коментари со поддршка и љубов од поранешни пациенти, од пријатели и познаници, а некој се нуди да и донесе и свежо набрани коприви од домашната градина за смутито, со молби да не го одбива. Лекарката за неколку часа после овој статус, објави фотографија од болничка соба во Општата Болница Куманово, каде ја примиле на инфективното одделение.
,,Што се мора не е тешко нели. Ќе полежам некој ден, седете дома и чувајте се вие”.
По два дена, новата фотографија објавена на Фејсбук профилот на Николиќ е со поглед низ прозорец, а локацијата е Инфективната клиника во Скопје.
,,Седете дома, зашто јас сум во соба ама долу шатори се подигаат. Утрово се разбудив и ми се јаде, добар знак. Кафе не пиев вчера, па дури и заборавив дека сум зависник од кофеин. А надвор е зима во пролет. Се е наопаку”.
Лекар на ова одделение веќе одредил терапија за пациентката на која секој ден и се зема крв и се следи состојбата. Николиќ им верува на своите колеги што се грижат за неа, како што вели, безрезервно. За емоциите, лекарката вели дека и снегот се топи, и Ковид 19 ќе помине, но дека таа никогаш нема да ги заборави емоциите и чувствата од овој период.
,,Во почетокот малку го потценив Ковид 19, имав лесни симптоми, мислев така дека ќе помине. Една недела беше така, но наместо да одам на подобро, почна на полошо. Поголема температура, кашлање и замор и при најмало зборување на мобилен ми се скратуваше здивот. Апетитот ми беше нула. Од пневмонијата било. Од понеделникот, ете ме во болница. Персоналот си ја знае работата. Сестрите многу работат, а секогаш љубезни влегуваат во собата, ми мерат притисок, пулс, сатурација, температура”, опишува Николиќ.
Во секоја соба на ѕидот има број на кој пациентите се јавуваат на сестрите кога имаат потреба. Има залепено и број за психолошка поддршка, но Николиќ веќе ја има својата докторка која и се јавува секој ден.
,,Сестрите секогаш се со прашањето, како сте денес, и така замаскирани, од очите им ја читам искреноста. Дури и хигиеничарките ќе влезат да исчистат, ќе поздрават. Секогаш носам маска и чаршав ставам преку нос и уста за да не ми се прикашла кога се во соба. И тие веројатно со страв одат на работа, а сепак се љубезни”, пишува таа.
Понекогаш замолува да не и пишуваат многу, зашто и треба одмор. Но, секогаш тоа го прави со голема благодарност за што луѓето ја мислат. До нејзе доаѓаат и по петстотини пораки од поранешни пациенти, пријатели, роднини, кои на некој начин и се оддолжуваат за минатите пати кога во болницата во Куманово таа се грижела за нив.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, регистрирани се 41 случај на заболување со коронавирус меѓу здравствени работници. Од овој број, 28 се заболени во болнички или амбулантски услови. Медининскиот персонал е најизложен на опасноста да се зарази со коронавирусот, поради секојдневниот контакт со пациентите, од кои некои може да се носители на вирусот, а да немаат симптоми.
Дента кога кај доктор Николиќ било констатирано присуство на коронавирусот, таа сподели дека изгледа доцна ја купила космонаутската заштитна маска. Таа тогаш информираше дека службено контактирала и со заболената жена од Куманово, која почина, и со луѓе без сипмтоми на работа, но дека не може да се знае од каде се заразила со вирусот, зашто секој може да биде носител, а да е навидум здрав.
Никој не сака свесно да го пренесе вирусот некому и затоа Николиќ апелира да се практикува социјална дистанца.
„Не се плашам за мене, се плашам за другите“, напиша лекарката веднаш откако и беше соопштено дека е позитивна на Ковид 19.
Таа најпрво беше во карантин дома и од грижа кон околината, рече дека нема да се вози во лифт за да не се плашат соседите, дека пријатели ќе и оставаат храна пред влезната врата и дека ќе ја зема ќесата откако ќе си заминат. Потоа почна да пристигнува поддршка од сите страни за оваа докторка, пофалби за професионалноста и илјадници желби за брзо опоравување.
Извор: Слободен печат