Утрово почнува со два нови телефонски разговори за тоа како се плетела мрежата за затворање на А1 телевизија.

Слушаме како тогашниот премиер Груевски си седи во кабинет со тогашниот јавен обвинител Шврговски и си се прашуваат зошто не се запленениле парите од А1 телевизија. На телефон секако ја имаат ВМРО-МВРО Горде и онака на ачик јавниот обвинител и кажува на министерката за внатрешни работик дека се направило грешка што не и се одзеле парите од сметката на А1 телевизија, туку сметката била само блокирана.

Прмиер и Јавен обвинител си седат и кројат планови, шо има чудно во тоа?!

Се сеќаваме дека спрегата на јавното обвинителите и судиите со извршната власт, јавно и без воздржувања, во функција на остварување стриктно партиски цели, беше сосема нормална работа за време на владеењето на Груевски.

Во другата снимка се слуша како Главен уредник на телевизија, договара и сугерира постапки како да се затвори конкурентска телевизија со директор на УЈП. И тука имаме (како што стои во описот) онака лежерен пријателски муабет помеѓу тогаш директорот на УЈП Горан Трајковски и уредникот на Сител телевизија Латас, како договараат кој датум би бил најпогоден за затворање на телевизијата. Латас вели – 15 јули е добар датум за затворање. На одмор се сите никој жив нема, кој видел видел, кој невидел, невидел.

Каква суровост?! Каков гнев манифестиран од позиција на власт, какво изживување врз човечки судбини, просто неверојатно е со каква леснотија газеа врз сè што не мислеше како нив и што не им било партиски интерес. Кога ја гледаме сега онаа Горде, како уплакано и исплашено… едноставно да не ти се верува што крие таа фасада во себе

И дури ги слушав снимките, се сетив на мојот дадаистички видео клип – „Irreversible“ (Опсада) беше именуван, кој пред 10 години го правев како коментар на настаните што претходеа на затворањето на А1 Телевизија. Дел од клипот е инспирација од истоимениот филм од 2002 година во режија на Gaspar Noé, а главни улоги ги толкуваат Monica Bellucci и Vincent Cassel. Филмот е експериментална психолошка трилер драма, која остава траен впечаток со многуте сурови сцени на насилство. Крајно експлицитната сцени од силување која е необична по тоа што без прекин трае неколку минути, ми беше главната асоцијација за настаните што тогаш се случуваа околу затворањето на А1 телевизија.

Во таа сцената од филмот, Алекс (Моника Белучи), е силувана во тунел (подвозник) во Париз, под црвено светло. Во сцената пак од клипот со кој сакав да ја доловам суровоста, на тогаш единствената силна телевизија што му се спротивставуваше на режимот на Грујо, А1 беше силувана на очиглед на цела јавност и пред камери, со хермелини и специјална полиција. Велија и неговата ќерка беа спроведувани во притвор со вооружени специјалци со качулки. Спектаклите пред камерите се повторуваа, ако евентуално лешинарските тв конкуренти во служба на режимот не фатиле добар кадар. Она што неколку режимски медиуми се обидуваа да ни продадат е дека не се затвора телевизијата, туку фирмите поврзани и во сопственост на Рамковски. Ма немој молим те, штитевте ли државен интерес, државна каса?!

Сето тоа го правеа, крајно безобразно со гостувања во телевизии едно по друго и по три четири гостувања во иста вечер. Се сеќавам како оној истиот глас од новиве снимки – тогаш директор на УЈП, Горан Трајковски и оној портпаролот на МВР Иво Котевски, буквално како да беа телепортирани од едно студио во друго. Се сеќавате и на дотични две професорки (едната ене ја во Парламент) кои биле нон-стоп на „жица“ и не било проблем да ги скорнат и од спиење, како што слушнавме дека се фали Гордана Јанкулоска, а биле во улога на избрани релативизатори/ки.

Владата на Груевски го затвора објектот и студијата на А1 телевизија, но новинарските екипи продолжуваат да емитуваат вести од надвор. Бевме немоќни, режимот тогаш беше во полна сила. Отпорот на најупорните од А1 траеше неколку месеци и потоа згасна.

Конечно, најстарата приватна телевизија во Македонија по цели 18 години престанува да емитува програма на 31 јули 2011 година поради одлука на АЕК. Директорот на АЕК донел решение за одземање на лиценцата за емитување, бидејќи компанијата А1 телевизија ДООЕЛ – Скопје, имала отворено стечајна постапка. Велија Рамковски сопственикот на А1 Телевизија и уште неколку негови соработници во исто време беа во притвор.

Велија е осуден на 13 години затворска казна. Тој и уште седуммина обвинети меѓу кои и неговата ќерка Емел, повеќе од една година беа во притвор во Шутка, а шестмина во домашен притвор. Рамковски тогаш рече дека против него се води политички процес и дека е осуден, уште пред да почне судењето.

Она што може да се слушне во најновите снимки само е потврда на завршните зборови на Рамковски од судењето за тоа каква координација и злосорничко здружување беше режимот на ВМРО-ДПМНЕ, а главна цел тогаш била телевизијата која не им угодуваше на велекриминално-политичките умови од партијата.

И ќе речете ете ја Горде в затвор, Грујо побегна… а најновиве снимки се само дел од оние потврди кои ни требаа за да сме свесни со каква зло-влада си имавме работа тогаш. И што сега со тоа?

Ништо, ако имате добар желудник гледајте ја сцената од „Irreversible“, и како силувачот и после чинот не престанува да ја претепува Алекс.

Гледајте го злото во очи за да го запаметите добро, оти забораваме.

Јане Ѓорѓиоски за Фронтлајн