Здравствените работници ни се преморени. Од март досега самопрегорно работат и се изложуваат на опасност. Сите собиранки, журки, родендени, слави, свадби се шамари кои безобразно им ги плескаме во лицата на оние кои се обидуваат да ни го зачуваат здравјето, да нѐ спасат.

Не можеме со леснотија да не се социјализираме со интензитетот и на начинот на кој сме навикнале, ама кога залогот е толку голем, можеме да стиснеме заби и да го жртвуваме тој дел од нашето секојдневие.
Традициите на кои колективот навикнал може да се одложат, да се стават на пауза, затоа што неразумно е да се дозволи традицијата да нѐ изеде.
Жртвите кои треба да ги направиме се минорни во споредба со жртвите кои медицинарите секојдневно ги прават.
Оваа пандемија не ни се случува само нам, туку на целиот свет.
Глупо, дрско, а најмногу од сѐ злобно е да се негираат, минимизираат или исмеваат потенцијалните последици од вирусот преку недокажани, нелогични и простачки теории на заговор, уште повеќе преку клетви, закани и навреди упатувани токму кон оние што најмногу се грижат за заштитата на здравјето на луѓето или кон оние што апелираат на разумно однесување.
Уморна сум веќе и од самото читање на таквите одвратни коментари. Не смееме да дозволиме гласот и ставот на простаклукот да надвладеат во нашето секојдневие.
Дајте да се спастриме, да се ставиме во ред, да ги жртвуваме навиките, ама не затоа што некоја институција така ни налага, не затоа што [ќе] постојат казни или рестрикции, туку затоа што како индивидуалци сме одлучиле да постапуваме цивилизирано, воспитано и човечки, а не водени од некои анималистички нагони и архетипски/традиционални рефлекси.
ФБ статус на Кристина Костова