Доволно е да се следат информациите од регионот или од земјите членки на Европската Унија за да се види предноста на земјоделците и вкупниот агросектор од членството на нивните држави во европското семејство.

Покрај високите редовни субвенции, земјоделските производители имаат дополнителни мерки кои се наменети за поддршка на земјоделскиот сектор во кризни состојби, како пандемијата или сега војната во Украина. И тоа не се работи за мала поддршка, таа секогаш е во милиони евра и насочена токму во оние сектори кои претрпуваат загуби. Пример бугарските земјоделци за 2023 година имаат од ЕУ, дополнителни над 100 милиони евра според шемата „Помош за поддршка на ликвидноста на земјоделците за надминување на негативното економско влијание од руската агресија врз Украина“. Ова е случај со сите други земји членки на Унијата, само висината на поддршката е различна.

Затоа, ако некој треба да посакува да бидеме дел од европското семејство, тоа треба да се земјоделците и сите чинители во вкупниот агросектор. Тоа за нив значи стабилност, рентабилност и профитабилност.

Најмногу пари, во милиони и милијарди евра ЕУ има планирано за земјоделството на земјите членки. Познато е дека Европската Унија одвојува огромен процент од буџетот за земјоделскиот сектор. Со тоа ја покажува важноста на земјоделското производство, руралниот развој и воопшто производството на храна. Најновата програма која стартуваше од 1 јануари 2023 година подразбира буџетска рамка за период од 2023 – 2027 година. Станува збор за распределба на 270 милијарди евра од земјоделскиот буџет на ЕУ за 2023-2027 година. Според Комисијата, 34 милијарди евра се наменети исклучиво за еколошки и климатски цели и нови еко-шеми.

Затоа, секое противење или застапување на тезата – „Нас не ни треба ЕУ“е толку погрешно и контрадикторно со што земјоделците си одат сами против себе и своето семејство.

Во овој случај треба комплетно да се исклучи секое партиско резонирање. Без разлика на која партија се членови или симпатизери, на земјоделците треба да им е јасно дека нивното профитабилно работење или опстојување е директно поврзано со перспективата да бидеме дел од европската заедничка земјоделска политика на ЕУ. Ова особено важи за младите фармери. Нашата најдобра иднина е членството во ЕУ каде особено внимание посветуваат на младите и жените, бидејќи старосната граница на земјоделците е висока и ЕУ има проект – подмладување на секторот. Затоа најголем дел од мерките ги креираат за дигитализација и модернизација на производството за да ги привлечат младите да се занимавате со земјоделско производство на еден модерен, достоинствен и профитабилен начин. И Руралниот развој – туризмот како и бизнисите кои се водат како услуги на рурално население.

Мој совет до сите, особено до младите, иднината да ја гледаат во агросекторот на еден современ и достоинствен начин. Милијарди евра искористија Словенија, Хрватска, Бугарија, Полска…уште пред да станат членки на ЕУ.

Во овој (незапирлив) процес кон унијата, голема штета прават оние производители на кого земјоделско производство им е дополнителна дејност, кои постојано се незадоволни затоа што си работат државно или друг бизнис, а во земјоделството не инвестираат туку ги користат субвенциите и ако роди, арно. Но тие се секогаш најгласни во незадоволството од државата и создаваат една слика на неисплатливост на производството што секако не е точно и што го потврдуваат нашите успешни агробизнисмени.

Да резимираме – Или влегуваш во овој сектор и работиш како секој бизнис или си незадоволен и молиш од државата.

Затоа земјоделци Ве повикувам заеднички да го поминеме овој процес на прилагодување на нашиот аграр со Заедничката земјоделска политика на ЕУ и да ја заокружиме сликата на привилигирани граѓани во својата држава.

Ленче Николовска – Директорка на Агротим.

Извор: agrotim.mk