Градоначалниците на СДСМ ширум државата започнаа со донирање на дел од своите априлски плати во фондот за борба против Ковид-19, а како доказ за направените донации дел од нив на социјалните мрежи ги приложуваат уплатниците за извршена уплата на средства.

  • Петре Шилегов, град Скопје: “Како што кажав дента кога Уставен ја донесе одлуката, износот на мојата априлска плата до 14.500, денес и официјално е уплатен во Фондот за борба против Ковид 19. Време е за солидарност !!!” – напиша Шилегов на Фејсбук.

  • Саша Богдановиќ, општина Центар: “Во духот на солидарноста, без оглед на Одлуката на Уставниот суд, денес го донирам износот на мојата априлска плата во државниот фонд за помагање на граѓаните за борба против коронавирусот.
    Верувам дека само со заедништво и солидарност ќе се надмине оваа економска криза!” – напиша Богдановиќ.

  • Александар Наумоски, општина Ѓорче Петров: “Функцијата носи и морална одговорност. Во овој кризен период имаме морална обврска да бидеме солидарни и хумани. Затоа, мојата плата во оваа состојба со Ковид-19 вирусот ќе изнесува 14.500 денари. Разликата, без разлика на одлуката на Уставниот суд, ќе ја донирам во фонд за борба против невидливиот непријател.
    Да останеме посветени до крај во борбата против коронавирусот. Мерките се уште се на сила. Почитувајте ги!” – апелираше Наумоски.

  • Аце Коцевски, општина Велес: “Денес, разликата од мојата плата за месец април до 14.500 денари, во износ од 53.716 денари ја донирав во Фондот за борба против КОВИД 19. Да им помогнеме на тие на кои нашата помош им е неопходна.
    Сега солидарноста ни е најпотребна. Зборот е збор!” – истакна Коцевски.
  • Борјанчо Мицевски, општина Крива Паланка: “Како што ветив, без оглед на одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, моето лично право не може никој да го укине. Разликата од мојата плата до 14.500 денари ја донирав во фондот за борба против епидемијата од вирусот Ковид-19” – напиша Мицевски.
  • Горан Трајковски, општина Делчево: “Почитувани, како што и најавив пред некој ден износот на мојата априлска плата до 14.500, денес е уплатен во Фондот за борба против коронавирусот. Солидарност за заедничката битка против Ковид-19”-изјави Трајковски.
    • Томе Христоски, општина Крушево: “Не само што текстот и статусот го препишувам од мојот колега, соборец како што е градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, туку несебично го почитувам, ќе го поддржам и ќе го следам неговиот одличен пример за солидарност:Без оглед на одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, разликата од мојата плата до 14.500 денари ќе ја уплатам во фондот за борба против епидемијата од вирусот Ковид 19. Живееме во време во кое секој од нас, треба да покаже барем малку солидарност и колективна одговорност.Државните функционери (секој од нас поединечно) треба да предничат во тоа чувство на одговорност.Седете дома (иако е тешко). Секој од нас е одговорен за своето и јавното здравје. Почитувајте ги препораките за социјална дистанца и носење на заштитна опрема. Во извештаите за состојбата на заболените, луѓето се само бројка, но, почитувани, таа бројка може да биде било кој од нас. Секој е важен. Секој човек е важен” – истакна Христоски.
    Еве добар предизвик за оние кои имаат желба и сакаат да помогнат да го следат примерот!