Некаде прочитав дека, за време на Првата светска војна, некои од војниците на Западниот фронт, кои со месеци биле заглавени во бескрајните ровови на линијата на судирот, засадувале цели градини со цвеќиња. Во таа општа кланица – историјата ја става бројката на воени и цивилни жртви на некаде околу 40 милиони луѓе – овие „рововски“ градини служеле и како терапевтска мерка за она што денеска се опишува како актуелен и пост-трауматски стрес од таа ужасна воена калварија.

Денешните модерни „ровови“ во сегашнава „Трета светска војна“ со ковид-пандемијата се нашите балкони по зградите, дворовите на оние кои имаат куќи и двоседите и троседите на оние кои немаат ни балкони ни дворови. Битката е жестока, главно околу фрижидерите, на мобилните, за далечинските и по компјутерите – а времево е баш за садење пролетни цвеќиња, макар и во саксија на прозорецот од спалната соба.

Сепак, овие карантински занимации имаат и други, а не само анти-депресант ефекти. На пример, без разлика колку ви се намалени приходите, факт е дека ви се намалени и расходите… Едноставно, во овие месеци, најголемиот дел од луѓето трошат само за она што мислат дека е строго неопходно.

Оттука, ако има некаква добра вест од пандемијава, тоа веројатно се однесува на проценката на економските експерти дека цените на разно-разни производи и услуги, во догледна иднина по завршувањето на глобалниов, долг карантин, ќе паднат на рекордно ниски нивоа.

Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа на следниот ЛИНК.