Conitio sine quq non на новата политика на партијата ВМРО ДПМНЕ би требало да биде да се ослободи од кадрите кои се носители на нејзиниот лош имиџ од самиот почеток на нејзиното конституирање, па до денес. Тое е всушност она кадровско јадро на овој политички субјект чии припадници во јавноста се познати како фашизоидни (во помека варијанта или како фашистички ориентирани политичари (фундаментални груевисти). Во судските расправи се познати како злосторнички здружувања кои извршиле злосторнички дејанија по наредба на нивниот избеган вожд. Тој пак, додека тие се влечкаат по судските аули, ги ужива благодетите на коруптивните зделки и украдените народни пари по Будимпештанските хотели од највисоки категории. Претходно сигурно пред полициско-безбедносните истражители на Унгарската разузнувачка служба си ја „испразнил душата” од сите безбедносно значајни податоци со кои располагал за нашата држава, но и за соседните балкански држави, а потоа се впуштил во задоволставата на убавиот живот што го нудат Будимпештанските кафеани и хостеси. За тоа време, неговите верни „пајташи и у добру и у злу” седат во судниците и, не сфаќајќи што им се случува, ја чуваат „чистотијата на неговото дело” и го чекаат денот Д кога некоја непозната сила повикана од новиот вожд (заколнат служител на Никола Груевски) ќе им ги прости гревовите и ќе ги извлече од „казаматите”. Засега единствено средство за прочистување, за жал, се судниците во кои би требало да се донесат пресуди за сторени злосторнички дела од страна на целокупниот раководен врв на ВМРО ДПМНЕ, па по сила на закон да мораат да се дистанцираат од нивните незајажливи аспирации и амбиции за продолжување на нивната политичка кариера. Или можеби, ако е толкава доблеста на партискиот колективен ум, да им се каже дека нивната политика се сведе на авоткраско владеење со фашистички методи. Таква храбост засега не е забележена во партискиот амбиент. Реформските сили се маргинализирани, врвното одлучување е сеуште сопственост на групата која беше и сеуште е перјаница на фашистичката идеологија. Тоа се оние кои немаат нити ден обичен работен стаж, имаат само функционерски стаж, триесетгодишен стаж во највисоките партиски и државни органи и тела (слично како, од нив сатанизираните комунистички функционери кои, по се изгледа, им биле и им останале идоли). Јавачите на апокалипсата можат да јаваат само во апокалиптични околности. Колку полошо за народот, толку подобро за ннв. „После мене потоп“. Битно е по секоја цена да трае политичката кариера, без неа се осудени на пропаст, „позајмените пари од народот“ брзо се трошат, а занает нема… „Засучување на ракавите“ е непознаница за нив.

За жал, ваквата логика и функционирање во вака поставеното ВМРО ДПМНЕ е сеуште доминантно. А мора да се менува, современиот живот бара поинаков ангажман и патриотизам. Бара знаење и почитување на цивилизациските вредности и човечки квалитети. Но за менување на нештата е потребна демократска акција, или, ако неа ја нема тогаш останува моќта на изборите. Демократските и фер изведени политички избори остануваат, за жал, единствената можност за „прочистување на крвта – кадровската пирамида”. Изборна листа со имиња на нови цивилизирани, едуцирани, социјализирани и успешни во својата професија (без универзитетски дипломи кои се добиле со помош на политиката) млади луѓе се голема шанса за некакво поправање на урнисаниот рејтинг на ВМРО ДПМНЕ (она на Груевски и ова на Мицкоски). Но изборите, во исто време, треба да бидат и начин да се прочисти „политичкиот воздух”, политичките субјекти да понудат нови демократски провинеирани идеи за општествениот развој и да ја проверат својата позиција кај електоратот.

П.С. Деновиве обвинителството најави уште еден можен судски процес. Овој пат истрагата е со наслов „Моќник”. Станува збор за можни злосторнички дејанија извршувани од страна на еден моќен (би рекле и досега вечен) пратеник во парламентарните групи на ВМРО ДПМНЕ. Велат дека во обвинението се споменува и познатиот монструозен Инквизитор од Битола, Томе Аџиев, чиј господар и „телефонски” наредбодател е моќниот пратеник.

Ѓорѓи Тоновски